Јан292014

lie_11
Да се биде успешен фриленсер не значи само добро да ја завршувате работата и навремено да бидете исплатени туку и да знаете добро да го прочитате клиентот во неговите намери. Без разлика дали сте почетник или поискусен секогаш може да се случи да наседнете на некоја лага од страна на клиентот. Издвоив неколку најчести лаги кои ги кажуваат клиентите, од мое лично искуство, како полесно да ги препознате и како да се справите со нив.

Ако успее проектот ќе има повеќе пари и тогаш ќе можам (повеќе) да ти платам

Најголема лага, која искрено поретко ја слушам. На старт веднаш ќе ви кажам, ако го слушнете ова од клиент знајте дека без разлика дали ќе успее или не неговиот бизнис, вие нема да добиете повеќе пари. Посебно оние што почнуваат нов бизнис ќе ви се жалат колку буџетот им е мал за дизајн, дека имаат многу трошкови, ама сепак се големи оптимисти и убедени дека ќе успее, затоа вие да почекате, па дури и дека ќе бидете партнери или слични приказни. Ако не ја прифатат вашата понуда мој совет е да не соработувате со нив и наместо да си го губите времето и чекате да ви платат, тоа време и енергија посветето го на клиенти кои знаат да ја ценат вашата работа.

freelance02

Ќе платам во целост кога се ќе се заврши

Откако сте пратиле понуда, и потенцирале дека ќе почнете со работа само доколку ви уплати 20,30...проценти или како ви стои во договорот, клиентот ви враќа дека мора прво да види, дека се плаши можеби дека нема да сработите во договорениот рок и слични празни аргументи. Ако се согласите, ризикот од тоа клиентот да ви праќа бесконечно многу корекции, без разлика дали е дизајн на обична визит карта или веб страна е многу голем, и влегувате во круг во кој не само што можеби нема да ви плати туку и да прекине соработка а сепак вашите дизајни да си ги видите искористени. Мој совет е без авансна, макар и минимална уплата да не почнувате и на неговиот аргумент дека може нема да му се допаѓа дизајнот, само ќе му пратите линк до вашето портфолио за да ги види претходните дизајни, вашиот стил и секако препораки од претходни клиенти.

dice

Знам други фриленсери кои работат за поевтино

Прво да расчистиме една работа. Секогаш ама баш секогаш ќе има некој што ќе работи поевтино од вас! Дури и ако сте почетник без ден искуство и празно портфолио. Вашата тарифа зависи најмногу од вашето искуство и клиентите за кои сте работеле. Најважно е да си го задржите нивото за кое мислите дека вредите и да не се пазарите, дури и ако е криза и немате доволно работа, бидејќи ова не е никаков аргумент. Доколку дозволите и ја намалите цената вие се пазарите со вашите вештини и искуство уште на почеток што може да има катастрофални последици понатаму и за вас и за вашата репутација. Мој совет е на ова само да му посакате успешна соработка на клиентот со најевтината понуда.

 

коментари (0)add comment

Пратете коментар
намали | зголеми

busy

Copyright 2017. Сите права задржани, дозволено преземање материјали под одредени услови Creative Commons