Сеп102016

prvapp
Да се биде успешен фриленсер е склоп на неколку вештини и особини, кои понекогаш не се поврзани со вашата стручност, ниту годините искуство, ниту колку нова опрема користите...туку едноставно кажано да знаете како да го „продадете“ својот дизајн.

Ова е општа особина која мора да ја имате без разлика дали работите графика, веб, програмирате, фотографирате или слично, а која не се учи на ниту еден факултет и на ниту една приватна школа. Вие може да дизајнирате беспрекорна веб страна, но ако не успеете да го убедите клиентот зошто вашиот дизајн е најдобар, не вреди ништо, залудно потрошени денови, па и месеци.
Еве 5 мои совети од мое лично искуство за успешна презентација на вашиот дизајн.

1. Ценете ја вашата стручност и професионалност

Со самото ваше ангажирање клиентот во вас гледа некој кој со својот стил може да одговори на неговите барања и идеи. Професионалец кој може да ја заврши работата на највисоко ниво. Токму така и вие треба да се однесувате, самоуверено и одговорно до самиот крај. Не го прашувајте клиентот за мислење за најмали ситници, туку наместо тоа одбранете го вашиот дизајн, зошто мислите дека е најсоодветен, зошто баш тие бои, тој фонт. И ако клиентот побара измени, не значи дека веднаш мора да се направат само затоа што тој така бара. Верувајте понекогаш клиентот ќе ве цени ако му објасните зошто тоа не е добра идеја со издржани аргументи против.

2. Не користете премногу стручни термини

Ние дизајнерите обично сакаме да се пофалиме дека користиме некој најнов фонт, дека веб страната е по најнови стандарди, се разфрламе дека имаме скапа опрема и сл. Искрено, клиентот тоа не го интересира, и ако понекогаш го интересира, самиот ќе праша, кој е фонтот, или каква леќа користите, во секоја друга прилика немојте да го спомнувате тоа. Верувајте ми и вие нема да се снајдете во нивната работа и ќе се чувствувате непријатно ако добиете имејл со такви стручни поими.

SplitShire IMG 6123

3. Не ги презентирајте само очигледните работи

На самата презентација освен што претходно треба сами да сте убедени дека вашиот проект и вашите идеи преточени во дизајнот се најдобри, мора да внимавате на презентацијата да не го објаснувате она што се гледа и е очигледно, туку да размислувате и им давате идеи за во иднина. Пример ако тоа е мобилна апликација, со нови функционалности, раскажете на каков начин тоа ќе ги направи поконкурентни, ќе им донесе нови клиенти, и дека со нови апгрејди ќе биде во тек со новите трендови, сигурно ќе ве ангажираат и за нови проекти во иднина.

4. Клиентот не е ваш пријател

Освен кога навистина е, пријател или роднина ;) Грешка што ја прават многумина, нормално со локални клиенти, е што мислат дека ако се спријателат со некој клиент, и се достапни 24/7 за некој, сигурно ќе му ги прифати дизајните и полесно ќе може да наплати. Не значи дека мора да го усреќите клиентот по секоја цена, туку да биде среќен со сработеното на крај.

5. Бидете упорни

Не значи дека ако клиентот не е задоволен од прва презентација, треба да се откажете и да го изгубите како потенцијален клиент. Се она од што не е задоволен, запишете и пробајте да се поправите. Не само дизајнот, туку и пробајте со нов пристап во самата презентација. Покажете дека имате повеќе квалитети и дека не работите по шаблон. Не мора по секоја цена да се браните од секоја критика на клиентот, едноставно прифатете дека можеби неговата идеја иако на прва звучи тешко остварлива, на крај може да се покаже токму спротивното.

 

коментари (0)add comment

Пратете коментар
намали | зголеми

busy

Copyright 2016. Сите права задржани, дозволено преземање материјали под одредени услови Creative Commons