Сочи 2014 лого
Одамна не сум пишал критика за некое лого. Изборот падна на логото и визуелниот идентитет за Зимските Олимписки Игри во Сочи кои веќе почнаа и ќе траат до 23ти овој месец.
Логото беше претставено во 2009та, од страна на Дмитри Чернишенко кој е претседател на Организацискиот комитет и Жак Рог, претседател на меѓународниот Олимписки Комитет. Меѓу другото Чернишенко нагласи: „Сочи 2014 ќе има јасен дигитален симбол на Игрите. Ние нудиме иновација, икона и инспирација за прослава и возбуда на првите Зимски Олимписки игри во Русија.“
Брендот е креација на Интербренд во соработка со посебен бренд совет од Русија составен од големи имиња од спортот, дизајнот, маркетингот и сл.
Самото лого уште од самото појавување предизвика неколку контроверзии и „нелогичности“. Патем, тоа е прво лого каде во самото лого се наоѓа и интернет доменот, односно .ru
Тоа ќе беше во ред доколку целосното име беше во еден ред. Проблемот се јави бидејќи самата типографија е во два реда, Sochi e горе со доменот, a долу е годината „2014“. И Олимписките кругови во продолжеток односно под доменот. На прва не е јасно дали веб адресата е sochi.ru или sochi2014.ru. Во ера на интернет тоа не претставува никаков проблем, односно тие два клика повеќе, а и сами кога знаеме дека и двата линка како и да го напишете водат кон истата веб страна.
Логото е прво кое оди чекор понапред, барем кога станува збор за логоата на Олимписките Игри. Само за потсетување а и сигурно најсвежо е она Олимписките Игри во Лондон во 2012та. Изгледа футуристички, модерно, обновено...ја претставува нова Русија каква многумина не ја познаваат, а денешната дигитална генерација која е постојано на социјалните медиуми сака нешто ново и возбудливо постојано. Онлајн платформите се нешто за што Русија и Сочи вложуваат напори да се приближи кон младите, како движечка сила.
Можеби на прв поглед не зрачи со тој Олимписки дух, нема некоја игривост и шареноликост, и треба некое време моќноста да се стиши главно откако ќе ги видите олимписките кругови.
.ru не е само домен на држава, тоа го дава целосниот социјален аспект. Овие Зимски Олимписки Игри полека ке се оддалечат од телевизорот, и ќе бидат подостапни за сите. Ќе се гледаат на таблети, смартфони...интеграцијата на гледачите и фановите ќе биде поголема и споделувањето на интересните моменти ќе биде инстантно. На тој начин Игрите ќе се искусат на еден сосем нов начин.
Отсликувањето и симетријата на "h" сo "y", "s" сo "z" и "0" сo "o" е всушност спојот меѓу планините и езерата, и рефлекцијата на самата вода. Иако за многумина како стил е веќе виден и на моменти досаден, самата структура и хиерархија на тоа како се поставени работите дава некоја динамика и движење на ротирање на рефлексирачките карактери. За разлика од скоро сите претходни логоа, каде акцентот е ставен на градот домаќин и годината, тука тоа е изоставено. Моќната типографија ја има главната улога.
Малите триаголници и кристали го надополнуваат целосниот бренд. Можеби не се импресивни, но барем не се клише како снегулки на пример. За разлика од логото кое има тежина кристаливе се нежни и изгледаат лесно, со тоа се прави перфектен баланс.
Последни на листа беа додадени пиктограмите за сите 22 спорта. Токму тука се гледа руската традиција, за што имаше многу критики. Инспирирани од Олимписките Игри во Москва 1980, едноставно зрачат со колорит, патерни и традиционални текстури.
Што вие мислите за логото? Слободно споделете во коментарите подолу

Последно освежено на Фев102014